Училиштето во с. Тработивиште доби три реконструирани училници, санитарни чворови и тоалет за лица со попреченост, но и нова пвц-влезна врата, нови училишни клупи, столчиња, шкафчиња и магнетна табла. Ова е резултат на инфраструктурниот проект реализиран во рамките на Програмата РОМАКТЕД 2, заедничка иницијатива во Западен Балкан и Турција „Промовирање на доброто управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“ со финансиска поддршка од Советот на Европа и ЕУ.
Увид во реконструираниот дел од училиштето направи градоначалникот Горан Трајковски заедно со претставникот од Владата на РСМ, Елвис Мемети, претставничката од Советот на Европа, Ѓултен Мустафова, претставници од Институтот „Ромалитико“, а по повод ставањето во функција на реновираниот дел од училиштето, учениците од ПОУ „Св.Климент Охридски“ подготвија пригодна програма.
Градоначалникот Трајковски кој се обрати пред присутните изрази благодарност на донаторите што ја препознаа потребата на жителите на с. Тработивиште и помогнаа да се реализираме капитален проект за училиштето.
Инвестицијата во образованието е инвестиција во иднината, и ако во овој случај, ова го комбинираме со основните пораки и цели на Програмата РОМАКТЕД, тогаш сме оствариле голема цел и сме докажале дека заедницата и Општината се партнери во креирањето подобра иднина. Нашата цел е интеграција на ромското население и зајакнување на заедницата, а образованието е темелот за остварување на нашите цели и затоа е ова значајна инвестиција во Делчево. Затоа, ми претставува посебна чест и задоволство што денес имаме убав повод да бидеме присутни во ова училиште и официјално да ги ставаме во употреба реновираните училници во ПУ „Св. Климент Охридски“ во с. Тработивиште и да зборуваме за нови стандарди и подобрени услови за работа во подрачните училишта, посочи Трајковски.
Советникот во Владата за инклузија на Ромите, Елвис Мемети, посочи дека Владата и градоначалникот на Општина Делчево преку оваа Програма направија неколку клучни инвестиции за ромската заедница кои ќе донесат промени на краток и долг рок.
-Уште поубаво е кога работиме заедно и имаме резултати за сите. Оваа регионална Програма РОМАКТЕД ја донесовме во нашата држава и во 12 општини за да го промовираме доброто управување на ромската заедница. Кога имаме интегрирана ромска заедница тогаш имаме систем којшто работи во корист на сите, истакна Мемети. Ѓултен Мустафова од Советот на Европа нагласи дека Програмата се имплементира во 7 земји во Западен Балкан и Турција и опфаќа повеќе од 70 општини, а целта е заеднички ромската заедница и Општината да носат приоритети и мерки кои ќе бидат крорисни за самата заедница.
Со оваа инвестиција вредна околу 1 милион денари, значително се подобрија условите за настава на вкупно 33 ученици во деветолетката во с. Тработивиште од кои 16 ученици се Роми, а во ова Подрачно училиште се изучува и ромскиот јазик и култура, посочи директорот на училиштето Горан Димитровски и додаде дека е подготвена проектна документација за продолжување на реконструкцијата на старата училишна зграда за што ќе се бараат дополнителни извори за финансирање.